Групата „Нокаут“ и Венко Серафимов неодамна ја претставија својата најнова соработка, песната „Good Old Fashioned Rock & Roll“. Музиката и текстот ги напиша Венко Серафимов, а аранжманот е на Никола Перевски – Пере.
„Песнава ја напишав за време на првите месеци на карантинот. Не беше лесно да се најде некој оптимизам во целава фрка низ светов со ковидов. Но беше добро време да се слушаат по дома старите рокенрол-стандарди. За жал, а и за среќа истовремено, целата музичка комуникација околу реализација на песната се одвиваше по интернет со размена на фајлови, но се надевам дека нешто добро се постигна. Ова го изведовме без никаква поддршка од страна, но се надевам дека им пративме на луѓето една насмевка што е специфична сама по себе. Би бил пресреќен ако овој сонг некому барем малку му помогне да остане во добро духовно здравје.“ – вели Венко Серафимов.
Ова е прва ваква соработка на Венко со „Нокаут“, иако тие веќе имаат настапувано заедно. Минатата година, Венко беше специјален гостин на нивните концерти во Битола и Охрид..
„Имам чувство дека желбите порано или подоцна секогаш ми се остваруваат, па така е и со оваа да работиме заедно со Венко. Со голема љубов и почит ја прифатив поканата од Венко да соработуваме и заеднички да ја донесеме најдобро што можеме. Искрено многу ни се допадна песната, и мене и на сите членови на „Нокаут“. Се обидовме да ја донесеме што поблиску до нас, до публиката што нѐ следи сите овие години и нас како група и оние што го слушаат Венко Серафимов, како одличен автор и изведувач што многу го ценам. Особено ни беше драго што е рок, бидејќи одамна не сме снимиле жанровски рок-песна.“ – додава Пере.
Извор: музика24