Велат светот останува на децата. Децата се најголемото богатство, како сунѓери го впиваат секој детаљ од секоја просторија, од секоја личност, од секој разговор.
Затоа треба да се разговара со нив, да им се откриваат нови хоризонти, да им се отвораат нови врати, да им се овозможува инклузија во секоја сфера од животот.
Токму со оваа причина, Радио С заедно со игротека „Сонценце“ им овозможи на дечињата учесници на летниот камп на игротеката да се запознаат со работата во студиото на Радио С, Меѓународниот Славјански Универзитет „Г.Р. Державин“ и Киноверзум 3Д кино во Свети Николе.
Заедно со своите аниматори, имаа можност да прошетаат низ просториите на овие институции, да погледнат како се работи и да добијат објаснување за скоро секој детал којшто го забележаа.
Љубопитно шетаа со очињата и се обидуваа да го впијат и запомнат секое ќоше, да прашаат што е ова или она и за што служи.
Стекнати со едно незаборавно доживување, насмеани и среќни, Ви ја пренесуваме енергијата на дечињата во целост.


