
Вчеравечер (1ви јули) пред градската библиотека „Гоце Делчев“ Свети Николе се одржа промоција на четвртата книга на писателката Ивана Наскова, на македонската јавност позната како писателка и авторка, но и како радио и ТВ водител и стендап забавувач.
Ивана носи потекло од Свети Николе, каде синоќа имаше можност пред своите сограѓани да ја промовира најновата книга „Секогаш те одбирав тебе“.
Русокосата мултиталентирана убавица моментално живее и работи во Скопје. До сега има издадено вкупно четири книги: „Вети ќе ме сакаш“, „Совршениот странец“, „Сестра“ и сега најновата „Секогаш те одбирав тебе“.

Приказната на „Секогаш те одбирав тебе“ ја следи живтотната судбина на Макрина и Филип.
Макрина и Филип по многу години се враќаат на имотот на кој таа растела како дете. Болните спомени од таму повторно ја отвораат вратата кон минатото, потсетувајќи ја на загубата што оставила длабока трага врз нејзината душа. Макрина не се откажува од тоа што го има денес и кое за неа е најважното нешто на светот, нејзиното семејство! Нејзиниот син Касијан ја запознава прекрасната Варвара, која, за жал, е родена слепа. Нејзината најголема желба не се материјалните работи, таа барем еднаш во животот сака да може да го види изгрејсонцето. Големата љубов што се раѓа меѓу Варвара и Касијан, за нив двајца е најубавото нешто што им се случило по сите болки што им ги носи животот. На Касијан не му е важно што таа е слепа, затоа што тој ќе биде нејзините очи, а Варвара го учи да го гледа светот како што таа го гледа, преку својата душа!
Прекрасна, незаборавна и трогателна приказна за животот, тешките избори што понекогаш мораме да ги направиме и за љубовта што победува!
Настанот беше во организација на Домот на културата „Крсте Мисирков“ од нашиот град и директорката Мартина Богданова, како и сите вработени во Домот.
Присутните имаа можност и да купат книга од авторката со посвета и потис.


